Придобивки од изучувањето странски јазик од најрана возраст

Кога се на најрана возраст децата лесно го приемаат новиот јазик со кој се запознаваат. Тие учат преку игра, без да го доживуваат курсот како потешкотија поради неопходноста да се учи напамет со која се соочуваат децата кои започнуваат со посетување јазичен курс во подоцнежното детство. Тие стануваат течни говорители со помош на бројните песнички, приказни и образовни игри кои им причинуваат задоволство. Истовремено, кај нив се развива моториката, креативноста, љубопитноста, фантазијата и иницијативата. За првпат се наоѓаат во средина каде се социјализираат и искусуваат работа во група, со што се негува вредноста на споделувањето но и се работи на нивната самодоверба.

Децата емотивно се врзуваат за нивниот наставник/наставничка, што резултира со желба да ги импресионираат со знаење и проактивност. Бескрајно се љубопитни и полни со ентузијазам. Тие брзо учат во средина во која им е удобно и ја доживуваат како катче на кое сакаат постојано да му се навраќаат. Им се допаѓа рециклирањето на предвидениот фонд на зборови, особено преку образовните игри и згодите и незгодите на јунаците од нивната книга.

На часовите се обработуваат тематски единици од нивното секојдневие – семејство, играчки, храна, миленичиња и сл. Оттаму, тие за кратко време започнуваат да размислуваат на јазикот кој го изучуваат, па дури и да ги користат научените фрази од секојдневниот говор.
Share on Facebook